Првиот човек на ирскиот туризам Мајкл Каули поднесе оставка откако отишол на одмор во Италија, спротивно на владините препораки да се избегнуваат сите несуштински патувања во странство.
Опозициските партии побараа смена на бившиот директор во авиокомпанијата „Рајанер“ откако тој потврди за локалните медиуми дека бил на одмор во Италија. Каули е првиот висок ирски функционер кој поднесе оставка поради непочитување на препораките за заштита од коронавирусот.
Италија е една од десетте држави на зелената листа на Ирска, што значи дека оние кои оттаму се враќаат не мора да одат во задолжителен 14-дневен карантин. Сепак, во Ирска и натаму на сила се препораките од февруари, според кои треба да се избегнуваат несуштински патувања во странство и се охрабрува домашниот туризам. Агенцијата со која раководеше Каули дури добила дополнителни средства за промоција на домашниот туризам.