СИТЕ ЖЕНИ И ДЕЦА ЕВАКУИРАНИ ОД „АЗОВСТАЛ“, УКРАИНСКИТЕ БОРЦИ НЕ СЕ ПРЕДАВААТ

    СИТЕ ЖЕНИ И ДЕЦА ЕВАКУИРАНИ ОД „АЗОВСТАЛ“, УКРАИНСКИТЕ БОРЦИ НЕ СЕ ПРЕДАВААТУкраинските борци и цивили со недели се криеја во подземните бункери на челичарницата (Фото: АП)

    Сите стари луѓе, жени и деца се евакуирани од опколената челичарница „Азовстал“ во Мариупол, соопштија Украина и Русија. Операцијата почна пред една недела, во координација со Обединетите нации и Црвениот крст, кои засега не ја потврдија информацијата.

    Во фабриката остануваат преостанатите бранители на Мариупол, чија точна бројка не е позната и тие кажаа дека нема да се предадат.

    Претседателот Володимир Зеленски изјави дека од фабриката се спасени повеќе од 300 луѓе. Нејасно е дали во фабриката сè уште има машки цивили. Зеленски додаде дека продолжуваат дипломатските напори за извлекување на украинските борци. Меѓу нив има и голем број ранети.

    Освојувањето на Мариупол е многу важно за руските сили зашто ќе овозможи копнено поврзување на Крим и регионот Донбас во источна Украина и ќе им даде контрола на повеќе од 80% од украинското црноморско крајбрежје. Русија кажа дека нема да го прославува Денот на победата во Мариупол.

    „Ќе дојде време за големи прослави таму“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Украинските борци и цивили со недели се криеја во подземните бункери на челичарницата со малку вода, храна и лекови. Фабриката сега во голем дел е уништена како резултат на постојаните бомбардирања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира