Словачка следната недела во Москва ќе разговара за испораките на руски енергенси, со што ќе го обнови процесот на соработка, кој беше прекинат поради руската инвазија врз Украина. Ова претставува најнов показател за отстапување од ставовите на нејзините сојузници во Европска Унија и НАТО.
Руско-словачката меѓувладина комисија за економска, научна и техничка соработка ќе одржи седница во Москва на 26 октомври, соопшти словачкото министерство за надворешни работи.
„Средбата ќе се фокусира на енергетиката, земјоделството, животната средина, спортот и културата“, соопштија од министерството.
Обновувањето на консултациите доаѓа по неколкуте посети на премиерот Роберт Фицо на Москва, последна во мај оваа година.
„Главна тема ќе биде енергетиката и можноста за соработка во обезбедувањето на стратешки ресурси. Словачка е заинтересирана за разговор околу испораките на гас и продолжувањето на испораките на нафта“, кажаа од министерството.
Словачка треба да престане со набавките на руски гас до крајот на 2027 година, согласно план на ЕУ.
Фицо ги критикуваше санкциите на ЕУ кон Русија и ја запре државната воена помош за Украина. Тој исто така изјави дека би претпочитал Словачка да биде неутрална, место членка на НАТО.



