Поранешниот премиер Роберт Фико, чија партија Смер (Насока) е фаворит за победа на претстојните парламентарни избори во Словачка, планира да ја повлече политичката и воена поддршка за соседната Украина ако се врати на власт. Фико беше премиер од 2006 и 2010 и потоа од 2012 до 2018 и има големи шанси да освои нов мандат по изборите на 30 септември. Тој и неговата партија водат јасна проруска кампања со антиамерикански пораки.
Фико е дел од еден поширок тренд во Европа. Во ЕУ, единствено Унгарија има проруска влада, но и во земји како Германија, Франција и Шпанија популистичките партии со слични ставови имаат значајна поддршка и на регионалните и националните избори во наредниот период би можеле да го променат мислењето на јавноста за војната во Украина.
„Ако Смер стане дел од владата, веќе нема да праќаме оружје и муниција во Украина“, кажа Фико, кој исто така се противи на санкциите за Русија.
Словачка беше гласен поддржувач на Украина од првите денови на руската инвазија и втора членка на НАТО која ѝ даде борбени авиони „миг-29“. Таа исто така ги отвори своите граници за украинските бегалци.
Според една анкета од март, 51% Словаци веруваат дека западот или Украина се одговорни за војната, а половина ги сметаат САД за безбедносна закана за Словачка. Од осумте анкетирани нации, во Словачка владее најголема недоверба кон САД, следена од Бугарија со 33% и Унгарија со 25%.
Анкетата била спроведена во Бугарија, Чешка, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка. Само 48% Словаци сметаат дека либерална демократија е добра за нивната земја.
„Руските дезинформациски операции ја одиграа својата улога и проруската пропаганда сега е широко распространета во словачките медиуми. И бројни политичари ги усвоија наративите и терминологијата на руската пропаганда“, вели Катарина Клингова од Центарот за демократија и отпор ГЛОБСЕЦ, кој ја спроведе анкетата.
Меѓу нив е и Фико, кој го прифати рускиот наратив за причините за војната во Украина, вклучувајќи го неоснованото тврдење на Путин дека сегашната украинска влада води нацистичка држава и дека на тамошните Руси им треба заштита.
„Војната во Украина не почна вчера или лани, туку во 2014, кога украинските нацисти и фашисти почнаа да убиваат руски граѓани во Донбас и Луганск“, кажа Фико на митингот во родниот град Тополкани на 30 август.