Киев и западните сојузници ги осудија плановите на сепаратистичките региони во Украина за одржување референдуми за припојување кон Русија, како одговор на брзата украинска противофанзива.
Владимир Путин вечерва требаше да го има првото јавно обраќање од почетокот на инвазијата во февруари и се очекуваше да зборува за планираните референдуми, но по неколкучасовното чекање, државните медиуми индиректно потврдија дека говорот е одложен. Така уредничката на државната телевизија РТ, Маргарита Симоњан, им кажа на гледачите да одат на спиење.
„Русите можат да прават што сакаат. Тоа нема ништо да промени. Украина има секое право да ги ослободи своите територии и ќе продолжи да ги ослободува без разлика што вели Русија“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Најавите за референдуми во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, од кои некои треба да се одржат овој месец, следуваат по неколкумесечниот застој во руската инвазија, додека украинската војска за краток период почна две противофанзиви и го ослободи целиот североисточен регион Харкив и навлезе на територијата на окупираниот Луганск.
Емануел Макрон ја обвини Русија дека ја враќа ерата на империи и колонии и ги опиша референдумите како пародија, додека Пентагон кажа дека најавите за референдуми покажуваат дека руската војска се наоѓа во тешка состојба.
„САД никогаш нема да ги признаат руските анексии на украинската територија. Последните потези на Москва ги покажуваат нејзините слабости во конфликтот“, соопшти Белата куќа.