Најмалку 33-ца туристи , кои поминаа студена ноќ заробени во неколку гондоли од жичницата високо над Француските Алпи близу Шамони, беа спасени денеска, соопштија властите. Туристите висеа над глечерите на Мон Блан на висина од околу 3.800 метри, откако жиците што ги носат гондолите се заплеткаа. Тие беа помеѓу 110-мината првично заглавени, откако жичницата запре вчера попладне. Се претпоставува дека жиците се заплеткале поради силните ветрови.
Заробените беа спасени денеска, откако спасувачите успеаја да ја рестартираат жичницата со опуштање на затегнатоста на заплетканите кабли. Доцна синоќа, 48 луѓе беа спасени со хеликоптер од гондолите, додека околу 30 беа спуштени со јаже, бидејќи беа во гондолите најблиску до тлото. Спасените синоќа раскажуваа за тешката спасувачката операција во лоши временски услови.
„Гондолата тргна околу 2.30 часот попладне и дури пред полноќ, конечно, не извадија. Спасувањето со хеликоптер не успеа, бидејќи падна магла, па моравме да чекаме се додека не решија дека можат безбедно да не симнат на земја и потоа се качувавме пешки по глечерот до кабината“, вели американската туристка Кети Кук.
Локалниот полицаец Фредерерик Лабрун кажа дека „обемот на спасувачката операција е едноставно неверојатен“. Тој рече дека спасувачите морале да се справат со 36 заглавени гондоли на растојание од пет километри, опишувајќи ја операцијата како „хируршка интервенција во воздух“.
Временските услови се влошија во текот на ноќта, па спасувачката операција мораше да биде суспендирана до разденување, оставајќи 33-ца туристи, вклучувајќи едно 10-годишно дете, да висат цела ноќ. Спасувачите им обезбедија кебиња, храна и вода за да им помогнат да го издржат студеното планинско време.
Метју Дешован, шефот на компанијата што оперира со жичницата, вели дека каблите се заплеткале „од необјаснети причини“, но, најверојатно, поради силните ветрови. Во спасувачката операција учествуваа тимови од Франција, Италија и Швајцарија. Жичницата го поврзува врвот Огил ду Миди во Франција на 3.842 метри надморска висини со Понт Албронер во Италија на 3.462 метри и нуди панорамска глетка на Мон Блан.