Градоначалниците на четирите општини со мнозинско српско население во Косово денеска поднесоа неотповикливи оставки заедно со низа други функционери поради наредбата на Приштина за користење на косовски регистерски таблички.
Оставки поднесоа и српските пратеници во косовскиот парламент, членови на општинските совети, судии, обвинители и припадници на косовската полиција во северниот регион, објави Српска листа.
„На денешниот состанок во Звечан беше одлучено претставниците на Србите да ги напуштат сите политички институции, парламентот, владата и четирите општини на северот и да се прекине учеството на Србите во полициските и правосудните органи“, изјави претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, кој поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање.
Тој додаде дека оваа одлука останува на сила сè додека Приштина не почне да ги почитува договорените спогодби и не ја повлече одлуката за промена на регистерските таблички.
Блерим Вела, шефот на кабинетот на претседателката Вјоса Османи, го обвини Белград дека сака да го дестабилизира Косово.
Косовската влада кажа дека од овој месец ќе почне да ги казнува српските возачи кои ги користат старите таблички, а следна мерка е одземање на возилата.