Бугарскиот претседател Румен Радев закажа вонредни парламентарни избори на 11 јули, а дотогаш, привремен премиер ќе биде Стефан Јанев, негов близок соработник и советник за безбедност.
Најсиромашната земја во ЕУ оди на нови избори откако ниедна партија не успеа да формира влада по изборите на 4 април, на кои најмногу гласови освои ГЕРБ на досегашниот премиер Бојко Борисов. Освен ГЕРБ, мандатот за составување влада го вратија и Има таков народ и Социјалистите.
Шеесет и едногодишниот Јанев, кој беше вицепремиер и министер за одбрана во привремената влада во 2017, ќе раководи со борбата против коронавирусот и ќе треба да подготви терен за фер избори. Владата на Јанев исто така ќе треба да одлучи дали ќе поднесе национален план за тоа како Бугарија ќе ги искористи шесте милијарди евра што ќе ги добие од европскиот фонд за заздравување од коронавирусот.