СТОТИЦИ ИЛЈАДИ СТУДЕНТИ И ДЕМОНСТРАНТИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА НА ПРОТЕСТОТ ВО БЕЛГРАД ПОБАРАА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

    СТОТИЦИ ИЛЈАДИ СТУДЕНТИ И ДЕМОНСТРАНТИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА НА ПРОТЕСТОТ ВО БЕЛГРАД ПОБАРАА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИСтудентите на Факутетот за драмска уметност (ФДУ) објавија дека судејќи според снимките од дрон, во Белград демонстрираа околу половина милион луѓе. (Фото: Нова.рс)

    Десетици илјади студенти и демонстранти против корупцијата се собраа вечерва во Белград, барајќи предвремени избори и крај на 12-годишното владеење на претседателот Александар Вучиќ. Студентите на Факутетот за драмска уметност (ФДУ) објавија дека судејќи според снимките од дрон, во Белград има околу половина милион луѓе на улиците. Полицијата распореди голем број полицајци во опрема за немири околу владините згради, парламентот и блискиот парк Пионирски, каде што толпи поддржувачи на Вучиќ од целата земја се собраа на контрапротест.

    Студентскиот протест требаше да трае до 21 часот на плоштадот Славија и Немањина авенија, каде што се наоѓаат повеќето владини канцеларии. Демонстрантите, кои сакаат владата да ги послуша нивните барања до крајот на протестот, ветија дека ќе нема насилство. Но нешто пред 22 часот полицијата почна да ги потиснува демонстрантите и дојде до спорадични судири. Еден учесник во протестот беше уапсен, а неколку демонстранти беа повредени за време на судирите со полицијата. Полицијата фрли и солзавец. По половина час тензии, граѓаните почнаа да се повлекуваат од плоштадот Славија.

    Кога истече ултиматумот што им го дадоа на властите – да распишат предвремени парламентарни избори и да го отстранат кампот од паркот Пионирски, студентите ги соблекоа елеците. „Ова повеќе не е наш протест“, рекоа студентите. Откако студентите прогласија крај на протестот, се повлекоа и воените ветерани кои ја држеа безбедносната линија на студентскиот протест.

    Месеците протести низ целата земја, вклучително и затворање на универзитетите, го потресоа популистот Вучиќ, чиј втор мандат завршува во 2027, кога се закажани и парламентарни избори.

    Противниците на Вучиќ го обвинуваат него и неговите сојузници за врски со организиран криминал, насилство врз ривалите и ограничување на медиумските слободи, нешто што тие го негираат. Вучиќ претходно одби предвремени избори. Неговата коалиција предводена од Напредната партија држи 156 од 250 пратенички места.

    Денеска, Вучиќ рече дека зад протестот стојат неодредени „странски сили“. Тој рече дека полицијата треба да биде ограничена, но предупреди дека насилството нема да се толерира.

    „Земјата ќе биде одбранета, а насилниците ќе се соочат со правдата“, им рече тој на новинарите во Белград.

    Во деновите пред протестот, полицијата уапси околу десетина антивладини активисти, обвинувајќи ги за поткопување на уставот и тероризам. Сите ги негираа обвиненијата.

    Протестите на студенти, опозиција, наставници, работници и земјоделци започнаа во декември 2024, откако 16 лица загинаа на 1 ноември при уривање на покривот на железничката станица во Нови Сад. Демонстрантите ја обвинуваат корупцијата за катастрофата.

    Собирот во Белград се совпаѓа со празникот Видовден, кој го почитуваат повеќето Срби, со кој се одбележува Битката на Косово со Отоманските Турци во 1389 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира