СТРУЈАТА СЕ ВРАТИ ВО НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ШПАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА ПО ВЧЕРАШНИОТ КОЛАПС, ЧИЈА ПРИЧИНА И НАТАМУ НЕ Е ПОЗНАТА

    СТРУЈАТА СЕ ВРАТИ ВО НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ШПАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА ПО ВЧЕРАШНИОТ КОЛАПС, ЧИЈА ПРИЧИНА И НАТАМУ НЕ Е ПОЗНАТАЗатемнувањето предизвика застој во двете земји и го запре јавниот сообраќај (Фото: АП)

    Светлата се вратија во најголемиот дел од Шпанија и Португалија откако масовно затемнување го погоди Пиринејскиот Полуостров вчера, што предизвика застој во двете земји, приземји авиони, го запре јавниот сообраќај и ги принуди болниците да одложат рутински операции.

    До утрово, струјата се врати во речиси 90% од Шпанија, како и во 6,2 милиони од 6,5 милиони домаќинства во Португалија, објавија националните оператори за електрична енергија. Напојувањето е обновено и во главните градови Мадрид и Лисабон.

    Само еден мал дел од полуостровот го избегна затемнувањето, чија точна причина и натаму не се знае. Португалскиот премиер Луис Монтенегро кажа дека изворот на прекинот веројатно е во Шпанија, додека шпанскиот премиер Педро Санчес рече дека можните причини и натаму се анализираат и ја повика јавноста да се воздржи од шпекулации.

    Португалскиот оператор „РЕН“ претходно објави дека колапсот се должи на екстремни температурни варијации, што ги остави двете земји без возови, метро, семафори, банкомати, телефонски врски и пристап до интернет, а луѓето останаа заглавени во лифтови и сообраќај и на аеродроми.

    Португалските власти кажаа дека нема назнаки дека прекинот, кој се случи вчера претпладне, бил предизвикан од хакерски напад. Шпанскиот премиер Санчес кажа дека земјата во рок од пет секунди изгубила производство на електрична енергија од 15 гигавати, што е рамно на 60% од националната побарувачка.

    Се испитува зошто се случи тој ненадеен пад. Вакво нешто никогаш досега не се случило“, рече Санчес.

    Колапси од вакви размери се многу ретки во Европа. Во 2003, целиот Апенински Полуостров остана без струја 12 часа поради проблем во електричната мрежа меѓу Италија и Швајцарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира