СТУДЕНТСКИОТ ПРОТЕСТ ВО БЕЛГРАД ПРЕКИНАТ ПОРАДИ ИНЦИДЕНТ ПРЕД СОБРАНИЕТО, ГОЛЕМ БРОЈ ЛУЃЕ ОСТАНАА НА УЛИЦИТЕ И ПЛОШТАДИТЕ

    СТУДЕНТСКИОТ ПРОТЕСТ ВО БЕЛГРАД ПРЕКИНАТ ПОРАДИ ИНЦИДЕНТ ПРЕД СОБРАНИЕТО, ГОЛЕМ БРОЈ ЛУЃЕ ОСТАНАА НА УЛИЦИТЕ И ПЛОШТАДИТЕСтотици илјади луѓе дојдоа од цела Србија на протестот во Белград насловен „На 15-ти за 15-те“, еден од најголемите собири во последните децении. (Фото: И. Коларов за СДК.МК)

    Студентскиот протест во Белград, кој требаше да заврши во 21 часот, беше прекинат еден час порано, кога студентите во блокадата објавија дека од првиот инцидент што се случи во близина на Пионирски парк, протестот повеќе не е студентски протест. Студентите во блокада соопштија дека дека се фрлале шишиња и камења од правец на Пионирски парк каде кампуваат приврзаници на претседателот Александар Вучиќ.

    „Студентскиот протест завршува. Нашите стражари ги соблекоа елеците. Апелираме до граѓаните безбедно да се повлечат“, соопштија Студентите во блокада на социјалните мрежи.

    Полицијата објави дека на протестот имало 107.000 луѓе, но независните медиуми велат дека има повеќе стотици илјади. (Фото: Н1)

    На големиот протест пред Собранието на Србија во Белград околу 19.15 часот, пред крајот на 15-минутниот молк, дојде до инцидентот. Студентите наведуваат дека најверојатно имало организирана акција за прекинување на молкот. Потоа дел од граѓаните заминаа од платото пред Собранието, како и од плоштадот Славија каде беше во тек концерт.

    Но по половина час, дел почнаа да се враќаат и пред Собранието и на Славија, а полицијата соопшти дека инцидентот е разрешен и дека протестот може да продолжи. Потоа граѓаните полека се повлекоа и протестот заврши, а останаа студентите да го чистат ѓубрето како и на досегашните нивни протести изминативе 4 месеци.

    Во меѓувреме, стигна кордон со силни полициски сили со борбени возила и полна опрема за разбивање протести, а околу 20.45 часот тргна кон Собранието.

    Државната агенција Танјуг објави дека претседателот Вуќиќ ќе се обрати на нацијата околу 22 часот.

    Српското Министерство за внатрешни работи (МВР) соопшти дека на повеќе локации во центарот на Белград имало инциденти и тепачки меѓу дел од учесниците на денешниот протест, кои во неколку наврати нападнале припадници на полицијата обидувајќи се да ги спречат во извршувањето на работните задачи и да предизвикаат поголеми нереди.

    „Полицијата упатува последно предупредување веднаш да се престане со сите напади и провокации врз припадниците на полицијата, во спротивно полицијата согласно законот ќе мора да интервенира и да ги заштити своите припадници“, соопшти МВР.

    Стотици илјади луѓе дојдоа од цела Србија на протестот во Белград насловен „На 15-ти за 15-те“. Ова е еден од најголемите собири во последните децении, на кој студентите и работниците се соочуваат со полицајците и поддржувачите на претседателот Александар Вучиќ. Пред Собранието беа прочитани барањата на студентите, во 19 часот имаше 15 минути молк за 15-те загинати при уривањето на настрешницата на железничка станица во Нови Сад лани на 1 ноември, а од 20 часот требаше да следи „најголемата бучава во Србија“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира