Новак Ѓоковиќ ја доби судската битка да остане во Австралија. Федералниот суд во Мелбурн нареди српскиот тенисер да биде пуштен од имиграцискиот притвор, каде што престојува од доаѓањето во Австралија во средата, откако на денешното сослушување утврдил дека граничните служби неразумно му ја укинале визата.
Судијата Ентони Кели ја поништи одлуката за укинување на визата на Ѓоковиќ и притоа ѝ нареди на австралиската влада да ги плати трошоците и во рок од 30 минути да му ги врати пасошот и личните работи и да го ослободи од притворот. Ѓоковиќ сега има право да влезе во Австралија, но правниот застапник на владата Кристофер Трен кажа дека министерот за имиграција Алекс Хок ќе размисли дали ќе го искористи личното овластување за повторно да му ја поништи визата.
Според австралиските имиграциски закони, министерот има исклучителни овластувања и дискреција да поништува визи од кои било причини. Трен не прецизираше по кои основи би се направило тоа повторно. Судијата кажа дека ако министерот донесе таква одлука, Ѓоковиќ три години можеби нема да смее да влезе во Австралија.
Организаторите на Отвореното првенство на Австралија му дозволија на Ѓоковиќ да учествува иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето врз основа на тоа што имал позитивен тест за коронавирус на 16 декември. Австралиските власти во ноември ја известиле Тениската федерација дека скорешна зараза со коронавирусот не е нужна основа за изземање.
„Што повеќе можел да направи тој човек“, праша судијата Кели откако на сослушувањето му било предочено дека два одделни медицински панела го одобриле изземањето на Ѓоковиќ.
Тој исто така изразил загриженост за третманот што Ѓоковиќ го имал по доаѓањето во Австралија.