СЗО ГИ ПРЕДУПРЕДИ МЛАДИТЕ СЕРИОЗНО ДА ГО СФАТАТ КОРОНАВИРУСОТ И ДА НЕ ГИ ЗАГРОЗУВААТ ЖИВОТИТЕ НА ДРУГИ ЛУЃЕ

    СЗО ГИ ПРЕДУПРЕДИ МЛАДИТЕ СЕРИОЗНО ДА ГО СФАТАТ КОРОНАВИРУСОТ И ДА НЕ ГИ ЗАГРОЗУВААТ ЖИВОТИТЕ НА ДРУГИ ЛУЃЕПретседателот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус препорачува физичко, а не социјално дистанцирање (Фото: АФП)

    Младите луѓе не се имуни на коронавирусот и мора да избегнуваат да се дружат и комуницираат со стари, поранливи луѓе, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

    „Изборите што ги прават младите можат да направат разлика помеѓу живот и смрт за некој друг“, изјави претседателот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.

    Тој реагираше откако се појавија информации дека младите во голем број земји ги игнорираат здравствените предупредувања и препораки бидејќи коронавирусот е далеку поопасен за стари и веќе болни лица.

    „Иако старите луѓе се најтешко погодени, и младите не се поштедени. Имам порака за младите луѓе: вие не сте непобедливи, вирусот може да ве стави во болница на неколку недели и дури да ве убие. Дури и ако не се разболите, вашите избори што правите можат да направат разлика помеѓу живот и смрт за некој друг“, кажа Гебрејесус.

    Во светот досега има повеќе од 275.000 заразени и 11.000 починати, при што ситуацијата сега е најкритична во Италија, каде што вчера починале рекордни 627 луѓе.

    Истражувањата покажаа дека коронавирусот ги напаѓа сите возрасти, но особено е опасен за стари и веќе болни лица. Просечната возраст на починатите во Италија е 78,5 години, а во Кина, само 1% од починатите биле помлади од 50 години. СЗО затоа препорачува физичко, а не социјално дистанцирање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира