СЗО ГО ЗГОЛЕМИ НИВОТО НА РИЗИК ОД ЕБОЛА

    СЗО ГО ЗГОЛЕМИ НИВОТО НА РИЗИК ОД ЕБОЛАЕкспертите на СЗО препорачаа контрола на патниците што минуваат низ аеродромите во Конго и оние што патуваат преку реката Конго, но не препорачаа забрана за патување (Фото: ДПА)

    Светската здравствена организација (СЗО) објави дека епидемијата на ебола во Конго претставува поголема опасност за земјите од Централна Авфрика и регионот, отколку што тоа претходно се претпоставуваше. Но, сепак СЗО одлучи дека епидемијата на ебола во оваа африканска земја не претставува закана за глобалното здравје и не прогласи глобална вонредна здравствена состијба.

    Ризикот вирусот да се прошири се зголеми откако заразата не е ограничена само на оддалечени области, бидејќи неодамна се појави случај на заболен во Мбандака, голем град низ кој минуваат националните и интернационалните транспортни рути, соопшти здравствената агенција на Обединетите нации во Женева.

    „СЗО затоа ја ревидираше проценката за ризикот на јавното здравје на многу високо на национално ниво и високо на регионално ниво“, се вели во соопштението од СЗО.

    Агенцијата одлучи за епидемијата во која починаа најмалку 14 лица во Конго досега, да не го подига нивото на ризик глобално како „јавно здравствена вонредна состојба од меѓународна загриженост“.

    По итната седница за ширење на епидемијата, Роберт Штефан, шеф на експертскиот панел на советници на СЗО, кажа дека постои силна причина да се верува дека оваа состојба може да се контролира.

    Тој го пофали брзиот одговор на владата на Конго и групите за помош на СЗО, но исто така предупреди на неодамнешното ширење на вирусот во Мбандака и дека со тоа се зголемил ризикот вирусот за се рашири во земјата, како и во соседната Конго-Бразавил.

    Штефан и останатите експерти на СЗО ги повикаа соседните земји на Конго да се подготват за можни инфекции и да ги зајакнат своите капацитети за детектирање на вакви случаи.

    Експертите велат дека треба да има проверка на патниците кои минуваат преку аеродромите на Конго и оние што минуваат преку реката Конго, но дека не е потребно да се забрани влез за меѓународните патници во земјата.

    Министерството за здравство на Конго соопшти дека бројот на потврдени случаи на ебола во земјата порасна од три на 14.

    „Од почетокот на епидемијата имаше 45 случаи на хеморагична треска, вклучувајќи и 10 сомнителни случаи, 21 можен случај, но потврдени се 14“, кажа Министерството за здравство на Конго.
    Додека за едно лице е потврдено дека починало од вирусот, за 25 се претпоставува дека починале од ебола, кажа Министерството.

    Едно од најзаразните вирусни заболувања за кои досега се знае, симптомите на ебола се невообичаено болни и вклучуваат повраќање, дијареа, треска, нарушена функција на бубрезите, внатрешно и надворешно крварење.

    Обединетите нации и хуманитарните организации се обидуваат да спречат ширење на болеста слично како во 2014 година, кога 11.000 луѓе починаа во Западна Африка од епидемијата која се појави во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

    Европската унија завчера соопшти дека ќе одвои 1,6 милиони евра за да помогне да се спречи натамошното ширење на болеста, а најголем дел од парите ќе одат во СЗО за да обезбедат логистичка поддршка.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари