СЗО ПРЕД ЕДНА ГОДИНА ПРОГЛАСИ ПАНДЕМИЈА НА КОВИД-19, ДОДЕКА ВО МАКЕДОНИЈА ИМАШЕ САМО ДЕВЕТ ЗАРАЗЕНИ

    СЗО ПРЕД ЕДНА ГОДИНА ПРОГЛАСИ ПАНДЕМИЈА НА КОВИД-19, ДОДЕКА ВО МАКЕДОНИЈА ИМАШЕ САМО ДЕВЕТ ЗАРАЗЕНИКоронавирусот во меѓувреме однесе 3.244 животи во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Пред точно една година, борбата со коронавирусот влезе во нова, посериозна фаза, откако Светската здравствена организација прогласи пандемија. Ова уследи само ден откако Италија стана прва земја на светот која се стави во карантин, а објаснувањето на СЗО за прогласување пандемија беше дека бројот на заразени на светско ниво во претходните недели се зголемил за 13 пати.

    До тој момент, во светот беа регистрирани 125.865 случаи на коронавирус и 4.615 починати. На 11 март 2020, во Македонија официјално беа потврдени девет случаи на зараза и сѐ уште немаше починати.

    Иако научниците во меѓувреме развија неколку вакцини против ковид-19, кои се оценети како безбедни и ефективни, на пандемијата не ѝ се гледа крајот и бројките повторно растат во некои делови на светот, вклучувајќи ги и источна и централна Европа, што се должи на ширењето на британскиот, попренослив сој.

    365 дена подоцна, Македонија стигна до бројката од 109.262 заразени, додека ковид-19 однесе 3.244 животи. На светско ниво, според податоците на универзитетот Џонс Хопкинс, досега се заразиле 118 милиони луѓе, од кои 2,63 милиони починале. Од ова, најголем дел отпаѓа на САД: речиси 30 милиони заразени и 542.000 починати, со стапка од 161,5 мртви на 100.000 жители.

    Кина, од каде што почна ширењето и која во меѓувреме успеа да го стави коронавирусот под контрола, има 0,3 починати на 100.000 жители, додека во Европа, најтешко се погодени Чешка (210,7), Велика Британија (188,3) и Италија (166,8).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира