Светската здравствена организација (СЗО) вчера издаде предупредувања за лажни лекови за кои се тврди дека ја содржат активната состојка пронајдена во лекот за дијабетес „оземпик“ и третманот за слабеење „вегови“ на „Ново Нордиск“.
Зголемената побарувачка ја надмина понудата на „оземпик“, „мунџаро“ на „Ели Лили“ и други лекови кои промовираат губење на тежината, поттикнувајќи го растечкиот глобален пазар за фалсификувани верзии. Предупредувањето на СЗО се однесува на три фалсификувани серии на семаглутид кои беа откриени во Бразил и Обединетото Кралство во октомври 2023 и во САД во декември 2023.
Семаглутид не е третман препорачан од СЗО за управување со дијабетес поради неговата сегашна висока цена, но агенцијата рече дека работи на упатство за употреба на лекови за третман на дебелина. Лажните лекови би можеле да бидат штетни и ако ги немаат потребните сирови компоненти, може да доведат до здравствени компликации кои произлегуваат од неконтролирано ниво на гликоза во крвта или тежината, соопшти СЗО. Ова предупредување е прво официјално известување од СЗО по потврдата на пријави за фалсификати на лековите.
„Пациентите кои ги користат овие производи можат да преземат активности како што се купување лекови со рецепти од лиценцирани лекари и да избегнуваат да купуваат лекови од непознати или непроверени извори, како оние што може да се најдат на интернет“, велат од СЗО.
„Ели Лили“ и „Ново Нордиск“ тужеа неколку субјекти за да ги спречат да продаваат производи за кои тврдат дека содржат активни состојки тирзепатид и семаглутид кои се користат во нивните популарни лекови за дијабетес и губење на тежината. „Ели Лили“ вчера рече дека тужи уште шест субјекти, меѓу кои и медицински бањи и велнес центри за продажба на производи за кои тврдат дека содржат тирзепатид.