Во Турција најверојатно ќе има втор круг од претседателските избори откако партиите на Реџеп Таип Ердоган и Кемал Киличдароглу признаа дека двајцата најголеми ривали нема да го надминат прагот од 50% освоени гласови.
Раните резултати му даваа поубедлива предност на Ердоган, но како што одминуваше вечерта, разликата очекувано стануваше потесна. Вториот изборен круг е за две недели, на 28 мај.
Предизборните анкети му даваа блага предност на Киличдароглу, зад кого застанаа шест опозициски партии.
„Се чини дека нема да има јасен победник во првиот круг. Сепак, нашите прогнози навестуваат дека Киличдароглу ќе има водство’, кажа висок функционер од опозициската коалиција.
Според државната новинска агенција „Анадолија“, Ердоган паднал под 50% освоени гласови по пребројаните 89% гласови, додека Киличдароглу бил на 44,3%. Приватната новинска агенција „Анка“ објави дека Ердоган е на 48,5%, а Киличдароглу на 45,7% гласови по пребројаните 80%.
Претседателот на Врховниот изборен совет Ахмет Јенер вечерва даде само кратка изјава дека до 22 часот биле пребројани 47,08% гласови во Турција и 12,60% во странство, без да каже кој кандидат е во водство.