Конзервативците на германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочуваат со најлошиот резултат досега на покраински избори, покажаа излезните анкети, при што крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) забележала значителен раст на гласови.
Изборите во Мекленбург-Западна Померанија и во Берлин дополнително го зголемуваат притисокот врз Мерц, чија политичка иднина е предмет на интензивни шпекулации поради наглиот пад на неговиот рејтинг во последните месеци.
Излезните анкети на телевизиските куќи „АРД“ и „ЗДФ“ покажаа дека ЦДУ на Мерц се бори да го достигне прагот од 5% гласови потребни за влез во парламентот на Мекленбург-Западна Померанија.
Две недели по убедливата победа во Саксонија-Анхалт, се очекува АфД да биде прва и во оваа сојузна држава со околу 38% гласови, што претставува повеќе од двојно зголемување во споредба со претходните избори во 2021. Владејачките Социјалдемократи (СПД) имаат освоено околу 36% од гласовите.
Во Берлин, конзервативците на Мерц веројатно ќе ја изгубат власта. Излезните анкети покажуваат дека партијата Левица води со околу 25% гласови, додека ЦДУ е на 20%. АфД има освоено меѓу 13,5% и 16% гласови.
„Не можеме да ја разубавуваме сликата за резултатите во Мекленбург-Западна Померанија. Тоа е катастрофа. ЦДУ водеше жестока борба, но на крајот беше прегазена во сè поострата конфронтација помеѓу СПД и АфД“, рече Мерц.



