ТикТок ги негираше извештаите дека Кина размислува да му ги продаде американските операции на оваа социјална мрежа на Илон Маск, и рече дека тоа е чиста фикција.
Компанијата реагираше на пишувањето на „Блумберг“ дека кинеските функционери ја разгледуваат опцијата за продажба на нејзиниот бизнис во Америка на најбогатиот човек на светот ако Врховниот суд на САД ја потврди забраната на популарната апликација. Судот ќе одлучува за законот според кој ТикТок има рок до 19 јануари да ги продаде своите американски операции или ќе биде забранет во земјата. ТикТок во повеќе наврати има кажано дека не планира да го продаде својот бизнис во САД.
„Блумберг“ се повика на добро упатени извори, според кои едно од можните сценарија е Маск да ја преземе контролата врз американските операции на ТикТок.
Кинеската влада има „златен удел“ во компанијата „Бајтденс“, која го поседува ТикТок, што, според САД, ѝ дава моќ врз оваа социјална мрежа. Засега нема информации дека имало разговори помеѓу Маск, ТикТок и „Бајтденс“.
Минатиот месец, Трамп побара од Врховниот суд да ја одложи одлуката за судбината на ТикТок до неговото враќање во Белата куќа, што би му овозможило да бара „политичко решение“. Адвокатот на Трамп кажа дека тој се противи на забраната на ТикТок, со чиј извршен шеф Шоу Зи Чу неодамна се сретнал во Флорида.