Подводните експлозии на гасоводите Северен тек минатиот септември биле изведени од тим нуркачи кои користеле 15-метарска јахта наречена „Андромеда“, објавија германските медиуми.
Весникот „Шпигел“ ја откри маршрутата на „Андромеда“ околу Балтикот, од нејзиното матично пристаниште во Росток на 6 септември преку германскиот остров Риген до данскиот остров Кристијансе, кој се наоѓа близу местото на експлозиите од 26 септември. Се проценува дека за саботажата биле искористени неколку стотици килограми експлозив, поради што експертите сметаат дека учествувало уште едно пловило.
„Шпигел“ објави дека еден од шестчлената посада на „Андромеда“ користел фалсификуван бугарски пасош, но германските истражители и натаму ја утврдуваат вистинската националност на саботерите, како и евентуална одговорност на некоја влада.
Повикувајќи се на американски разузнавачки извори, „Њујорк тајмс“ пред неколку дена објави дека нападот го извршила проукраинска група, во која можеби имало и руски и украински државјани, но дека владата во Киев не била вмешана. Украина исто така негираше дека има каква било врска со нападот.
Испораките на рускиот гас кон Германија беа запрени уште пред експлозиите на 26 септември, откако Русија го затвори Северен тек 1 во август, а Северен тек 2 никогаш не ни профункционира. Точната причина за експлозиите не е утврдена, но се верува дека станува збор за организиран напад. Инцидентот го истражуваат Германија, Данска и Шведска.
Шефот на пристаништето во Риген рекол дека лицата кои ја изнајмиле „Андромеда“ биле облечени како обични морнари и дека зборувале на јазик што му личел на чешки или полски. Меѓу нив имало и жени.
Бидејќи експлозиите се случиле на длабочина од 80 метри во Северното Море, за тоа биле потребни специјалистички нуркачки вештини и специјални резервоари за кислород, пишува „Шпигел“.