Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека утре (16 мај) можеби ќе оди во Инстанбул, но само ако има напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина.Тој изминативе денови повеќепати ја истакнуваше можноста да оди во Турција на преговорите за крај на војната.
„Размислував да одам. Ако нешто се случи, би одел в петок, ако е соодветно“, кажа Трамп утрово за време на деловниот појадок во Доха при посетата на Катар.
Откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да не биде дел од делегацијата која ќе оди на мировните преговори, претседателот на Украина Володимир Зеленски по пристигнување на аеродромот во Анкара рече дека во руската делегација се статисти.
„Официјално не сум запознаен на кое ниво е нивната делегација. Но, според она што го видовме тие изгледаат како статисти“, рече Зеленски кој попладнево треба да има средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Зеленски додаде додаде дека Украина ќе одлучи за следните чекори откако ќе се сретне со Ердоган.
Руската делегација ја предводи претседателскиот советник, Владимир Медински, а во неа се и Михаил Галузин, заменик-министер за надворешни работи, Игор Костјуков, директор на руското воено разузнавање, познато како ГРУ, или од неодамна како ГУ, една од најмоќните разузнавачки агенции во светот, и Александар Фомин, заменик-министер за одбрана кој учествуваше во преговорите за Украина во 2022 година.