ТРАМП ЏАБЕ ПОНУДИ КАУЦИЈА ЗА РАПЕРОТ ЕЈСАП РОКИ, ПРИТВОРЕН ВО ШВЕДСКА

    ТРАМП ЏАБЕ ПОНУДИ КАУЦИЈА ЗА РАПЕРОТ ЕЈСАП РОКИ, ПРИТВОРЕН ВО ШВЕДСКААмериканскиот рапер Ејсап Роки е во притвор додека шведската полиција истражува тепачка во Стокхолм во која што тој наводно учествувал пред да настапи на музички фестивал. (Фото: АП)

    Американскиот претседател Доналд Трамп се слушна со шведскиот премиер Стефан Лувен за притворениот рапер Ејсап Роки и понуди лично да гарантира за неговата кауција, но во шведскиот правосуден систем не постои кауција. Трамп твитна дека за време на многу добриот разговор со премиерот Лувен, тој го уверил дека Ејсап нема намера да бега. Раперот е во притвор поради наводна тепачка.

    Првата дама Меланија и неколку славни сличности, вклучувајќи ги Ким Кардашијан и Канје Вест, побараа од Трамп да интервенира да се ослободи Ејсап, чие вистинско име е Раким Меј.

    „Нашите тимови ќе разговараат дополнително, се согласивме да разговараме повторно во наредните 48 часа“, твитна Трамп вчера по разговорот со Лувен.

    Портпаролката на шведскиот премиер Тони Ериксон потврди дека Лувен и Трамп разговарале 20-тина минути, но дека Лувен му нагласил на Трамп дека шведскиот правосуден систем е целосно независен и дека во Шведска сите се еднакви пред законот и поради тоа не може да влијае на правниот процес.

    Лувен потоа издаде соопштение, велејќи дека би му било мило пак да разговара со Трамп за притворот на Ејсап Роки, но пак предупреди дека нема намера да се меша.

    Ејсап Роки е во притвор додека шведската полиција истражува тепачка во Стокхолм во која што тој наводно учествувал пред да настапи на музички фестивал. На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како Ејсап Роки насилно фрла некого на земја, но неговиот адвокатски тим тврди дека станува збор за самоодбрана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира