Доналд Трамп организираше раскошен самит за кинескиот претседател Шји Џинпинг во Белата куќа, но нема назнаки дека постигнале пробив по трнливи прашања, како што се вештачка интелигенција, трговија, Тајван и Иран. Двајцата лидери и нивните сопруги присуствуваа на државна вечера, на која Трамп ги фалеше односите помеѓу САД и Кина.
„И претседателот Шји и јас разбираме дека претставуваме различни системи, но врските помеѓу нашите народи опстојуваат и никогаш досега не сме се согласувале подобро. Заедно можеме да продолжиме да градиме однос што промовира просперитет и безбедност за идните генерации“, рече Трамп.
Шји ќе го заврши тридневното гостуваање во САД со посета на Националниот архив, каде што ќе се запознае со некои од најголемите богатства од американската историја, како и со артефакти што сведочат за долгата врска помеѓу Кина и САД и за нивната културна размена, како што кажа Трамп.
Шји изјави дека тој и Трамп воделе длабински разговори и постигнале заедничко разбирање за многу прашања, што ќе обезбеди нови стратешки насоки за односите помеѓу Кина и САД. Тој притоа не навлезе во детали за разговорите.
„Кина и САД мора да дејствуваат како одговорни големи земји“, рече тој, повикувајќи на нов пристап во согласувањето помеѓу големите земји.
За време на нивните билатерални разговори, Шји ги повикал САД да се спротивстават на независноста на Тајван, пренесе официјалната кинеска новинска агенција. Се очекуваше дека Шји ќе ја искористи посетата за да изврши притисок врз Трамп да ја запре продажбата на оружје за Тајван, вредно околу 14 милијарди долари.
Шји покани 100.000 американски државјани да студираат во Кина и најави дека ќе испрати две панди во американска зоолошка градина како знак на пријателство.
„САД и Кина треба да бидат партнери, а не ривали. Ова е клучна година за односите помеѓу двете земји, кои треба да негуваат стабилни односи, што се одликуваат со соработка, умерена конкуренција и разлики што можат да се надминат“, рече Шји.



