Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ги откажал планираните воени напади врз Иран под услов брзо да се постигне нов договор со оваа земја.
Во објава на својата мрежа „Трут Соушл“, Трамп соопшти дека одлуката за прекин на нападот е донесена по барање на Иран и други земји од Блискиот Исток со цел да се даде простор за брзо постигнување договор. Според неговите зборови, веќе се договорени рамките на договорот, кои предвидуваат целосно и итно отворање на Ормускиот Проток и ставање крај на иранската јадрена закана.
Одлуката за сопирање на воената акција е донесена во координација со Израел. Оваа објава следува по информациите во американските медиуми дека Вашингтон и Тел Авив подготвувале бран интензивни напади врз иранската енергетска инфраструктура. Во меѓувреме, Техеран ги обвини САД за ескалација на тензиите и предупреди дека секоја земја од регионот што соработува со Вашингтон ќе биде зафатена од воениот конфликт.
САД и Иран влегоа во нова серија меѓусебни напади откако прекинот на огнот од април пропадна во јуни. Вашингтон изврши блокада на иранските пристаништа и големи воздушни напади, додека Иран одговори со испраќање ракети и дронови врз американски цели во регионот и го попречи сообраќајот во Ормускиот Проток. Конфликтот што започна на крајот на февруари предизвика сериозни турбуленции на глобалниот пазар на нафта.



