ТРАМП ИМ КАЖА НА АМЕРИКАНЦИТЕ ДА НЕ СЕ ПЛАШАТ ОД КОВИД-19 ОТКАКО ГО ЛЕКУВАА ВО ЕЛИТНА БОЛНИЦА И СО РЕТКО ДОСТАПНИ ТРЕТМАНИ

    ТРАМП ИМ КАЖА НА АМЕРИКАНЦИТЕ ДА НЕ СЕ ПЛАШАТ ОД КОВИД-19 ОТКАКО ГО ЛЕКУВАА ВО ЕЛИТНА БОЛНИЦА И СО РЕТКО ДОСТАПНИ ТРЕТМАНИТрамп беше превезен со хеликоптер до болницата „Волтер Рид“ откако му се појавија благи симптоми на ковид-19 (Фото: АП)

    „Не плашете се од ковид-19, ќе го победите“, им кажа Доналд Трамп на Американците по тридневниот престој во болница.

    Но, како што многумина посочија, овие зборови дојдоа од човек кој на располагање имаше хеликоптер, голем медицински тим и лекување со експериментални лекови.

    Американскиот претседател има медицински центар и во самата Бела куќа, но како главен командант, има пристап и до воениот медицински центар „Волтер Рид“, каде што беше префрлен набргу откако му се појавија симптоми на ковид-19 и остана три ноќи во претседателскиот апартман, една од шесте соби резервирани за високорангирани воени офицери и членови на кабинетот.

    „ВИП третман е дел од американското здравство. Големи болници низ земјата имаат приватни соби за славни личности и супербогати, влијателни пациенти, кои сакаат да бидат одвоени од јавноста и ќе донираат голема сума пари ако се задоволни со грижата“, пишува „Вашингтон пост“.

    За тоа време, низ САД снемува кревети на одделите за интензивна нега и болниците се мачат со преполните капацитети. Исто така, во изминатата деценија во САД биле затворени над 120 рурални болници и луѓето од вакви средини мора повеќе да патуваат за да добијат лекарски третман.

    Трамп нема проблеми со превозот. Тој патуваше десет минути со приватниот хеликоптер од тревникот на Белата куќа до „Волтер Рид“ и беше примен во болница 24 часа откако ги почувствувал првите, благи симптоми.

    „Пациентите вообичаено се примаат во болница дури кога се потенцијално критично. Им се кажува да одат дома и да се вратат во болница само ако почнат да губат здив“, вели Ентони Алмохера, лекар од Њујорк.

    Трамп не би бил отпуштен од болница пред да биде спремен. Според неговите лекари, тој бил лекуван со дексаметазон (стероид кој спасува животи со смирување на имунолошкиот систем), ремдесивир (антивирусен лек развиен за лекување на ебола) и моноклонална терапија со антитела, која сѐ уште важи за експериментална и клиничките тестирања се во тек. Компанијата „Регенерон“ соопшти дека Трамп е еден од ретките луѓе кои ја примиле оваа терапија надвор од тестирањата.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира