Претседателот Доналд Трамп вчера ја одбележа 250-годишнината на Соединетите Американски Држави (САД) со говор во стил на изборна кампања, во кој ги повтори своите повици за воведување нови ограничувања при гласањето, предупреди дека „комунистите“ би можеле да добијат поголемо влијание во земјата и ги наброја, според него, своите најзначајни достигнувања. По доцнење од речиси два часа поради невреме, Трамп се појави во Националниот парк во Вашингтон, каде што одржа говор во кој ги спои општите повици за патриотизам со остри критики кон, според него, идеолошките закани во земјата и во странство.
Трамп ги пофали американските достигнувања, како што се победите во војните, слетувањето на Месечината и пионерскиот лет на браќата Рајт, како и американскиот систем на владеење воопшто. Но, тој исто така го повика Конгресот да усвои заглавен законски пакет со кој би се ограничило гласањето по пошта и би се барал доказ за државјанство при регистрација за гласање, изјави дека ја „уништил“ воената моќ на Иран и предупреди на опасноста од раст на комунизмот во САД.
„Сакаме веднаш да запреме таква закана, уште пред да започне. Тоа е како рак – мора да го отсечете и мора да го отсечете брзо“, рече тој.
Републиканскиот претседател Трамп и претходно повеќепати ги нарекуваше „комунисти“ левичарските кандидати на Демократската партија кои победија на низа партиски прелиминарни избори, иако во вчера тоа не го кажа експлицитно.
Пред Трамп, американските претседатели главно избегнуваа лично да присуствуваат на прославите по повод 4 Јули, но тој ја замагли границата меѓу официјалното одбележување и политиката во стил на изборна кампања. Освен сличниот говор што Трамп го одржа во 2019, ниту еден американски претседател не одржал говор во Националниот парк за 4 Јули од 1951 година.
Посетителите чекаа со часови за да влезат на настанот, соочувајќи се со засилени безбедносни мерки и температури што достигнаа до 39 Целзиусови степени. Рекордниот топлотен бран доведе до откажување на неколку паради и други настани во областа. Властите наредија евакуација кога се виде дека надоаѓа бура со грмотевици, поради што посетителите беа принудени да се засолнат во блиските музеи и владини згради, пред да им биде дозволено повторно да се вратат.
Трамп оваа недела изјави дека за саботниот митинг ќе одржи „навистина долг говор“, „само за да покаже дека може да направи сè“. Наместо тоа, говорот траеше помалку од 40 минути, што е значително пократко од многу негови претходни обраќања.



