ТРАМП ЌЕ СЕ ПОЈАВИ ВО СУД ТРЕТПАТ ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ, ЌЕ ГО ОБВИНАТ ЗА ЗАГОВОР ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО 2020

    ТРАМП ЌЕ СЕ ПОЈАВИ ВО СУД ТРЕТПАТ ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ, ЌЕ ГО ОБВИНАТ ЗА ЗАГОВОР ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО 2020Трамп овојпат нема да биде формално уапсен (Фото: АП)

    Во Вашингтон се засилени безбедносните мерки во пресрет на вечерашното судско сослушување, на кое Доналд Трамп и формално ќе биде обвинет за заговор за поништување на претседателските избори во 2020, што е најтешко кривично дело со кое се соочил досега. Тоа ќе биде негово трето појавување во суд за период од четири месеци, што се случува додека води кампања за враќање во Белата куќа. Овојпат, нема да биде формално уапсен.

    Се очекува Трамп да се појави во судот во Вашингтон и притоа да се изјасни како невин. Тој ги отфрли обвиненијата како политички мотивирани и го опиша случајот како „доказ за корупција, скандал и неуспех на САД под претседателството на Џо Бајден“. Трамп само еднаш го посетил Вашингтон откако ја напушти Белата куќа.

    Обвинението од четири точки го товари Трамп за заговор за измама со тоа што го спречувал Конгресот да ја потврди победата на Џо Бајден и сакал да ги лиши гласачите од нивното право на фер избори. По неколку недели тврдења дека изборите се украдени, ситуацијата кулминираше по жестокиот говор на Трамп на 6 јануари 2021, кога неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, во обид да го спречат потврдувањето на победата на Бајден. Специјалниот советник Џек Смит, кој го состави обвинението, ја префрли вината за насилствата исклучиво на Трамп, истакнувајќи дека тие биле подгреани од неговите лаги.

    Трамп веќе е обвинет во два други случаи: за несоодветно ракување со доверливи документи и за фалсификување деловни извештаи во врска со исплатата на 130.000 долари на порноактерката Сторми Даниелс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира