ТРАМП НАЈАВИ НОВИ ПРЕГОВОРИ СО ИРАН ПО ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ВОЕНИТЕ НАПАДИ, ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ПАДНАА

    ТРАМП НАЈАВИ НОВИ ПРЕГОВОРИ СО ИРАН ПО ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ВОЕНИТЕ НАПАДИ, ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ПАДНААТрамп изјави дека Вашингтон влегува во директен преговарачки процес со Техеран. (Фото: ДПА)

    Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека во понеделник попладне започнуваат нови преговори со Иран, откако ги откажа планираните обемни воени напади врз таа земја.

    За време на разговорот со новинарите во претседателскиот авион, Трамп изјави дека Вашингтон влегува во директен преговарачки процес со Техеран. Тој додаде дека нема одредено краен рок за постигнување договор и дека приоритет е да се избегнат човечки жртви.

    Претходно, преку објава на својата мрежа „Трут соушл“, американскиот претседател кажа дека Иран и сојузниците од Блискиот Исток побарале одложување на воената акција бидејќи се договорени основните рамки за нов договор. Според неговите зборови, разговорите се однесуваат на пловењето низ Ормускиот теснец и на иранската нуклеарна програма.

    Саудискиот престолонаследник Мухамед Бин Салман, како и лидерите на Обединетите Арапски Емирати и Катар, исто така апелирале до Белата куќа да ги запре планираните напади за да и дадат предност на дипломатијата.

    Од друга страна, иранската полуофицијална новинска агенција „Мехр“ ги демантираше тврдењата дека Техеран побарал одложување на воените дејствија, нарекувајќи ги таквите изјави невистинити. Сепак, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи потврди дека преговорите со Оман околу режимот на пловидба во Ормускиот теснец се наоѓаат во завршна фаза.

    По најавата за одложување на воениот судир и почеток на разговорите, цените на нафтата на азиските берзи забележаа пад од над четири проценти. Референтната нафта Брент се продаваше по цена од 83,98 долари за барел, додека американската лесна нафта падна на 80,74 долари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира