ТРАМП ОДОБРИЛ ВОЕНИ НАПАДИ НА ИРАН, ПА ЈА ОТКАЖАЛ АКЦИЈАТА, ОБЈАВИ „ЊУЈОРК ТАЈМС“

    ТРАМП ОДОБРИЛ ВОЕНИ НАПАДИ НА ИРАН, ПА ЈА ОТКАЖАЛ АКЦИЈАТА, ОБЈАВИ „ЊУЈОРК ТАЈМС“Авиони веќе биле во воздух кога Трамп донесол одлука за прекин на акцијата (Фото: АП)

    Доналд Трамп одобрил одмазднички воени напади на Иран вчера, пред да се премисли, јавуваат американски медиуми.

    „Њујорк тајмс“ цитираше висок функционер од Белата куќа, кој рекол дека имало планирани напади на повеќе цели. Операцијата наводно веќе била во рана фаза, кога Трамп одлучил да ја повлече војската. Белата куќа засега нема излезено со коментар за вакви тврдења.

    Ова доаѓа само еден ден откако Иран објави дека соборил американски шпионски дрон над своја територија, додека Вашингтон тврди дека тоа се случило во меѓународен воздушен простор. Тензиите помеѓу двете земји одново ескалираа откако САД го обвинија Иран за нападите на два танкера во Оманскиот Залив минатата недела.

    „Њујорк тајмс“ прв ги објави деталите за планираните напади на Иран, кои, како што велат воени и дипломатски извори, биле активни сè до 19 часот по локално време. Меѓу целите биле радар и ракетни системи на Иран.

    „Авиони веќе беа во воздух, а бродови беа на свои позиции, кога дојде информација дека акцијата се откажува. Не беше испукан ниту еден проектил“, објави весникот, цитирајќи неименуван извор.

    Нападите требало да се случат денеска наутро, со цел да се минимизира ризикот од човечки жртви, како воени, така и цивилни, пишува весникот. Трамп наводно ја откажал операцијата по средбата со свои безбедносни советници и лидери на Конгресот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари