Кина, Русија и САД се согласиле за реформи на Обединетите нации, зголемување на снабдувањето со гориво и за почнување дијалог за намалување на нуклеарните ризици на тристраниот состанок во кинескиот град Шенжен, според руските претставници и кинеските државни медиуми.
Во заедничката декларација не се споменуваат војните во Украина и Иран, две прашања за кои Доналд Трамп рече дека ги покренал на своите разговори со Владимир Путин и Шји Џинпинг претходно денеска.
Ова беше прва средба на лидерите на трите светски велесили досега и траеше околу еден час и 20 минути.
Во врска со нуклеарното прашање, тројцата лидери се согласиле дека „нуклеарната војна не може да се добие и никогаш не смее да се води“ и дека е во тек дијалогот за спречување на ширењето на нуклеарното оружје.
„Нуклеарното оружје треба да биде сеопфатно забрането и целосно уништено“, рекол Шји.
Тој ја опиша средбата со Путин и Трамп како позитивна, конструктивна и многу продуктивна и ја нагласи важноста на „негувањето на тешко стекнатиот мир“.
Путин изјави дека средбата е важно поглавје во историјата на дипломатијата и додаде дека постигнале, ако не договори, тогаш барем меѓусебно разбирање за бројни клучни прашања.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и главниот советник на Путин за надворешна политика Јури Ушаков кажаа дека атмосферата на состанокот била добра, а портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Украина не била главна тема на разговорите. Путин притоа ги обвини Киев и Европа дека не биле спремни за компромиси за да се реши војната.
Лидерите разговарале за енергетската безбедност и за планот за зголемување на производството и снабдувањето со рафинирани нафтени производи и се согласиле дека Меѓународниот кривичен суд и другите слични институции не смеат да ја злоупотребуваат својата надлежност.



