Доналд Трамп и официјално е обвинет за неговите обиди да ги поништи резултатите од изборите во 2020, што е третпат за четири месеци да се соочи со кривични обвиненија додека води кампања за враќање во Белата куќа. Обвинението од четири точки и 45 страници го товари Трамп за заговор за измама со тоа што го спречувал Конгресот да ја потврди победата на неговиот противкандидат Џо Бајден и сакал да ги лиши гласачите од нивното право на фер избори.
„Тогашниот претседател ширел тврдења за измама за кои знаел дека не се точни, ги притискал државните и федералните функционери, вклучувајќи го и потпретседателот Мајк Пенс, да ги променат резултатите од изборите и на крајот, поттикнал насилен напад на Капитол во очајнички обид да ја поткопа американската демократија и да се одржи на власт“, велат обвинителите.
На Трамп му е наредено да се појави во федерален суд во Вашингтон утре. И покрај сите обвиненија и правни проблеми, Трамп и натаму важи за фаворит за републиканска номинација за претседател, велат анкетите.
По неколку недели тврдења дека изборите се украдени, ситуацијата кулминираше по жестокиот говор на Трамп на 6 јули 2021, кога неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, во обид да го спречат потврдувањето на победата на Бајден.
Специјалниот советник Џек Смит, кој го состави обвинението, ја префрли вината за насилствата исклучиво на Трамп. Во врска со овој напад, досега се уапсени повеќе од 1.000 луѓе.