Доналд Трамп ѝ се закани на Европската Унија со сериозни царини и со намалување на трговијата откако блокот предложи Канада да стане негова прва придружна членка, нарекувајќи ја идејата смешна.
Оценувајќи го потегот како непријателски чин, американскиот претседател им изјави на новинарите дека би можел да воведе „многу сериозни царини или да ја прекине трговијата со Европа“.
„Ако намерата е добра, тоа е во ред. Ако намерата е лоша, ќе воведеме многу високи царини за Европа“, рече Трамп.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера ја покани Канада да стане првата придружна членка на ЕУ, во време кога таа е во трговска војна со САД. Иако не е јасно што конкретно значи тоа, Фон дер Лајен му предложи на канадскиот премиер Марк Карни поблиска соработка во технологија, одбрана и енергетика.
„Со оглед на тоа што демократиите се соочуваат со пукнатина во меѓународниот систем заснован на правила, Брисел и Отава треба поблиску да се поврзат“, кажа Фон дер Лајен.
Канада и ЕУ веќе се поврзани со трговски договор и бројни билатерални спогодби, но се приближија една кон друга уште повеќе откако Трамп се врати во Белата куќа и ги влоши односите со двата долгогодишни сојузници.
ЕУ никогаш немала категорија на придружно членство, иако одржува блиски врски со Норвешка, Исланд и Швајцарија, овозможувајќи длабока економска интеграција со овие земји, кои почитуваат многу од правилата на ЕУ.



