Доналд Трамп кажа дека ќе разговара со предложениот министер за здравство Роберт Кенеди Џуниор за укинување на програмите за вакцинирање деца.
„Ќе имаме голем разговор за тоа. Стапката на аутизам е толку голема што никој не би поверувал дека е можна. Има нешто што го предизвикува“, кажа Трамп во интервјуто за магазинот „Тајм“, кој го прогласи за Личност на годината за 2024.
Запрашан дали тоа значи дека неговата влада би можела да укине некои вакцини, тој рече:
„Би можело ако мислиме дека се опасни и нема бенефит од нив. Но, мислам дека на крајот тоа нема да биде многу контроверзно“.
Тој беше директно прашан дали мисли дека вакцините предизвикуваат аутизам.
„Ќе го слушам Боби. Имам голема почит кон него и неговото мислење за вакцините“.
Кенеди, кој се противеше на федералните ковид ограничувања и беше обвинет дека шири дезинформации за вирусот, со години изразува сомнежи за безбедноста и ефективноста на вакцините.
Најголемиот дел од тврдењата дека вакцините предизвикуваат аутизам потекнуваат од студија објавена во медицинското списание „Лансет“ во 1998. Документот напишан на британскиот лекар Ендрју Вејкфилд наголемо беше оспорен. Истражување од 2014, кое вклучи над 1,2 милиони деца, не пронајде поврзаност помеѓу вакцини и аутизам.