Премиерката Џесинда Ардерн го стави целиот Нов Зеланд во строг карантин поради еден случај на коронавирус во Окленд, прв во земјата во последните шест месеци. Целата држава ќе биде затворена во следните три дена, почнувајќи од утре, а Окленд и Коромандел, крајбрежниот град во кој заразеното лице поминало одредено време, ќе бидат во карантин седум дена.
Согласно мерките од највисокото, четврто ниво на карантин, ќе бидат затворени сите училишта, канцеларии и бизниси, а ќе работат само неопходните услуги.
„Најдобриот начин да излеземе брзо од ова е да постапиме цврсто. Одлучивме да почнеме со најстрогите мерки со цел да го скротиме вирусот и брзо да го завршиме ова“, изјави Ардерн.
Здравствените власти претпоставуваат дека станува збор за делта сојот, иако ова засега не е потврдено.
„Можеби има уште заразени“, додаде Ардерн.
Нов Зеланд го имаше последниот случај на локално пренесување на вирусот во февруари. Земјата претходно донесе одлука границите да останат затворени до крајот на годината.