Турското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека ја отфрла руската анексија на четири региони во Украина, додавајќи дека одлуката е „тешко кршење“ на меѓународното право. Турција, членка на НАТО, дипломатски балансирашње откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Анкара се противи на западните санкции кон Русија и има блиски врски и со Москва и со Киев, нејзините соседи на Црното Море. Исто така, ја критикуваше руската инвазија и испрати вооружени дронови во Украина.
Турското министерство денеска соопшти дека не ја признало ни руската анексија на Крим во 2014, додавајќи дека ја отфрла одлуката на Русија за анексија на четирите региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
„Оваа одлука, која претставува сериозно кршење на воспоставените принципи на меѓународното право, не може да се прифати. Ја повторуваме нашата поддршка за решавање на оваа војна, чија сериозност продолжува да расте, засновано на праведен мир што ќе се постигне преку преговори“, соопшти Министерството.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја прогласи анексијата на регионите, ветувајќи дека Москва ќе триумфира во својата „специјална воена операција“ иако се соочува со потенцијално сериозен нов воен пресврт. Неговото прогласување дојде откако Русија одржа, како што рече, референдуми во окупираните области на Украина. Западните влади и Киев рекоа дека референдумите го прекршуваат меѓународното право и дека се принудни и нерепрезентативни. Како одговор, САД, Велика Британија и Канада најавија нови санкции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ввчера изјави дека неговата земја поднела брза апликација за влез во НАТО и дека нема да води мировни преговори со Русија додека Путин е сè уште претседател.