ТВ-ВОДИТЕЛKA E МЕЃУ 12 ОСУДЕНИ НА СМРТ ВО ЕГИПЕТ ЗА КРИМИНАЛ СО ДРОГА

    ТВ-ВОДИТЕЛKA E МЕЃУ 12 ОСУДЕНИ НА СМРТ ВО ЕГИПЕТ ЗА КРИМИНАЛ СО ДРОГАВодителката Сара Калифа е најпозната по својата телевизиска емисија „Мисија: Невозможна“, која се занимаваше со теми поврзани со криминалот. (Фото: Инстаграм)

    Египетската телевизиска водителка Сара Калифа и уште 11 лица се осудени на смрт со бесење откако беа прогласени за виновни по обвиненија поврзани со дрога. Според државниот весник „Ал-Ахрам“, тие биле дел од криминална група што увезувала состојки за производство на дрога со намера да ги продава. Тие исто така поседувале нелегално огнено оружје и муниција. За време на судењето, судот слушна дека властите заплениле повеќе од 750 килограми наркотици и увезени суровини за нивно производство.

    Калифа (39) е најпозната по својата телевизиска емисија „Мисија: Невозможна“ (Mission Impossible), која се занимаваше со теми поврзани со криминалот. Таа ги негираше обвиненијата. Деветмина од обвинетите се осудени на доживотен затвор, додека седуммина се ослободени од обвиненијата. Адвокатот на Калифа изјави дека таа ќе поднесе жалба на смртната пресуда.

    Пресудата првично беше објавена минатиот месец. Сепак, таа беше потврдена дури еден месец подоцна, откако судот доби верско мислење од големиот муфтија на Египет – што претставува законска обврска во случаите со смртна казна.

    Според „Ал-Ахрам“, дваесет сведоци дале искази пред обвинителите, а биле приложени и електронски докази, вклучувајќи разговори и видеоснимки. Според државниот весник „Ахбар ал-Јаум“, кога судијата ја прашал за нејзината наводна улога, на судското рочиште минатиот септември Калифа изјавила дека никогаш не видела дрога сè додека не била фотографирана со неа во просториите на службата за борба против наркотици.

    Според извештајот на „Амнести интернешенел“ за 2025 година, во текот на годината биле изречени 492 смртни казни, од кои 23 биле извршени. Обвинетите биле прогласени за виновни за трговија со дрога и силување – „кривични дела што не спаѓаат во категоријата ’намерно убиство‘, на која мора да се ограничи примената на смртната казна според меѓународното право и стандарди“, се наведува во извештајот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира