ТВИТЕР ГО АКТИВИРАШЕ ПЛАНОТ „ОТРОВНА ПИЛУЛА“ ЗА ОДБРАНА ОД ИЛОН МАСК

    ТВИТЕР ГО АКТИВИРАШЕ ПЛАНОТ „ОТРОВНА ПИЛУЛА“ ЗА ОДБРАНА ОД ИЛОН МАСКПред два дена Маск понуди да ја купи компанијата за 43 милијарди долари (Фото: АП)

    Управниот одбор на Твитер објави план за одбрана од можно непријателско преземање, откако Илон Маск понуди да ја купи компанијата за 43 милијарди долари. Таканаречениот план „отровна пилула“ ќе им овозможи на постојните акционери, со исклучок на Маск, да купат дополнителни акции по намалена цена, со што би се намалил уделот на Маск во компанијата и би му се отежнало да обезбеди мнозинство акционери за да гласаат во полза на преземањето.

    Планот ќе стапи на сила ако уделот на Маск порасне од сегашните 9,2% на 15%. Шефот на „Тесла“ неодамна стана најголемиот акционер во Твитер, но одби да влезе во управниот одбор. Пред два дена понуди да ја купи компанијата, велејќи дека таа во сегашната форма не може да напредува и мора да се трансформира во приватна фирма.

    „‘Отровна пилула‘ е последната линија на одбраната од обид за непријателско преземање. Ние ја нарекуваме нуклеарна опција. Управниот одбор јасно порача дека понудата на Маск не е доволно висока за вредноста на компанијата“, изјави економскиот аналитичар Џош Вајт.

    Маск кажа дека неговата понуда е конечна, за потоа да признае дека не е сигурен дали ќе успее да го преземе Твитер, додавајќи дека има и план Б.

    „Твитер се загрева за битка со Маск. Исто така, сака да си купи време и да се обиде да најде друг потенцијален купувач“, изјави аналитичарот Даниел Ајвс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира