Хрватскиот уред за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал денеска го уапси министерот за здравсто Вили Берош во рамките на голема акција против корупција, по што премиерот Андреј Пленковиќ веднаш го смени од функцијата.
Обвинителите на Европската Унија објавија дека тие ја покренале акцијата против Берош и уште седум лица поради злосторничко здружување, додавајќи дека министерот примил мито.
„Не сум запознат со деталите, но очигледно станува збор за кривични дела поврзани со корупција. Како премиер, згрозен сум зашто министерот Берош ја имаше мојата и довербата на граѓаните. Ова може да се смета за чин на предавство и во целост ја поддржуваме истрагата“, изјави Пленковиќ.
Хрватските медиуми објавија дека на чело на злосторничкото здружување бил контроверзниот бизнисмен Хрвоје Петрач, кој не е уапсен, зашто моментално не се наоѓа во Хрватска. Осомничени се и неговите синови Новица и Никола. Берош се товари за набавка на медицински апарати за три болници, при што земал мито од 75.000 евра.
„Целта на нивното криминално делување била да се осигура едно трговско друштво да биде избрано за продажба на медицински роботски апарати на болници во Хрватска. Има основано сомнение дека тие дале или ветиле награда за манипулација со постапките за јавна набавка“, објави Уредот на европскиот јавен обвинител.