УКРАИНА ГИ НЕГИРА АМЕРИКАНСКИТЕ НАВОДИ ЗА ВМЕШАНОСТ ВО САБОТАЖАТА НА ГАСОВОДИТЕ СЕВЕРЕН ТЕК, ГЕРМАНИЈА ВЕЛИ ДЕКА ЈА ИЗВРШИЛ ШЕСТЧЛЕН ТИМ

    УКРАИНА ГИ НЕГИРА АМЕРИКАНСКИТЕ НАВОДИ ЗА ВМЕШАНОСТ ВО САБОТАЖАТА НА ГАСОВОДИТЕ СЕВЕРЕН ТЕК, ГЕРМАНИЈА ВЕЛИ ДЕКА ЈА ИЗВРШИЛ ШЕСТЧЛЕН ТИМТочната причина за експлозиите не е утврдена, но се верува дека станува збор за организиран напад (Фото: Рицау)

    Американските разузнавачи сметаат дека проукраински групи стојат зад минатогодишните напади на гасоводите Северен тек, но нема докази за вмешаност на украинската влада, објави весникот „Њујорк тајмс“. Советникот на Володимир Зеленски, Михајло Подољак, кажа дека Украина нема никаква врска со овој напад, додека портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ги опиша американските наводи како координирани напори за пренасочување на вниманието.

    Како можат Американците да претпоставуваат нешто без истрага? На Русија и натаму не ѝ се дозволува да учествува во истрагата и дури пред неколку дена добивме известување за тоа од Данска и Шведска“, кажа Песков.

    Германски истражители го идентификувале бродот од кој била извршена саботажата на гасоводите, објави весникот „Цајт“. Според нив, станува збор за јахта во сопственост на двајца Украинци која била изнајмена во Полска. Истражителите велат дека саботажата ја извршил шестчлен тим, чија националност не е позната, ниту кој ја наредил. Не се исклучува можноста доказите на јахтата да биле подметнати со цел да се обвини Украина.

    Испораките на рускиот гас кон Германија беа запрени уште пред експлозиите на 26 септември, откако Русија го затвори Северен тек 1 во август, а Северен тек 2 никогаш не ни профункционира. Точната причина за експлозиите не е утврдена, но се верува дека станува збор за организиран напад. Инцидентот го истражуваат Германија, Данска и Шведска.

    Повикувајќи се на американски разузнавачки извори, „Њујорк тајмс“ објави дека нема докази дека Зеленски и највисоките украински генерали биле вмешани во операцијата.

    Официјалните лица кои ги анализираа разузнавачките податоци веруваат дека саботерите најверојатно биле Руси или Украинци или мешана група“, напиша весникот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира