Украина ја повика Кина да му се придружи на Западот во осудата на руската инвазија, откако оваа земја се обидува да одржи дипломатска дистанца од војната.
„Кина може да биде важен елемент во глобалниот безбедносен систем, ако донесе правилна одлука – да ја поддржи коалицијата на цивилизираните земји и да го осуди варварството на Русија“, објави на Твитер советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак.
Кина претходно избра да се воздржи на гласањето во ОН со кое се осудува руската инвазија, а американските власти неодамна изјавија дека Кина сигнализирала подготвеност да обезбеди воена помош за Русија.
Вчера, во двочасовниот телефонски разговор со кинескиот претседател Шји Џинпинг, американскиот претседател Џо Бајден рече дека секоја поддршка дадена на Русија скапо ќе го чини Пекинг. Меѓутоа, моќта на САД врз Кина е ограничена, а соопштенијата од двете страни сугерираат дека со вчерашниот разговор меѓу претседателите не е многу постигнато.