Украина ја стави својата војска во состојба на борбена готовност откако Русија вчера отвори оган и заплени три украински бродови покрај брегот на анектираниот полуостров Крим, попречувајќи им го патот кон Азовското Море. Киев во исто време размислува да прогласи воена состојба.
Украина го нарече пукањето на еден од нејзините бродови како „чин на агресија“, додека Русија кажа дека бродовите нелегално влегле во нејзини територијални води.
Ова е првпат армиите на двете земји да дојдат во отворен конфликт, иако украинските сили уште од 2014 година се борат против сепаратистите поддржани од Русија на истокот на земјата.
„Бараме руските власти под итно да ги префрлат бродовите на украинската страна, за да се обезбеди да не дојде до заострување на ситуацијата“, изјави украинскиот претседател Петро Порошенко.
На препорака на безбедносниот совет, Министерството за одбрана ја стави војската во борбена готовност.
„Реакцијата на Русија е оправдан одговор на оваа планирана провокација. Украинските западни спонзори би требало да интервенираат за да ја смират ситуацијата“, кажа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.