УКРАИНА ЌЕ ГИ ЗАСИЛИ НАПАДИТЕ ВРЗ РУСКИТЕ РАФИНЕРИИ КАКО ОДГОВОР НА НАПАДИТЕ НА МОСТОВИ ВО КИЕВ, НАЈАВИ ЗЕЛЕНСКИ

    УКРАИНА ЌЕ ГИ ЗАСИЛИ НАПАДИТЕ ВРЗ РУСКИТЕ РАФИНЕРИИ КАКО ОДГОВОР НА НАПАДИТЕ НА МОСТОВИ ВО КИЕВ, НАЈАВИ ЗЕЛЕНСКИЗеленски вели дека примарен фокус ќе бидат токму нафтените рафинерии преку кои Москва обезбедува пари за војната, но додаде дека украинските сили во никој случај нема да целат врз цивилни објекти. (Фото: Икс)

    Украина ќе ги засили нападите врз руските рафинерии за нафта, но нема да цели врз цивилното население, како одговор на новата руска политика на воздушни удари чија цел е да ги принуди луѓето да го напуштат Киев и другите градови, изјави претседателот Володимир Зеленски.

    Во разговор за „Ројтерс“, Зеленски рече дека украинското разузнавање дошло до документи според кои рускиот претседател Владимир Путин издал нова доктрина за воени удари врз значително поширок спектар цивилни цели пред почетокот на зимата. Како што објасни тој, документите покажуваат дека на руските сили им е дозволено да напаѓаат патишта, училишта, болници, како и инфраструктурни и логистички објекти насекаде низ градовите и селата, со единствена цел да се изврши притисок врз граѓаните да го напуштат главниот град и другите населени места.

    Зеленски вели дека Украина мора да одговори на каков било можен начин и оти на нападите врз украинскиот енергетски систем ќе се возврати со удари врз руската енергетика. Како што кажа украинскиот претседател, примарен фокус ќе бидат токму нафтените рафинерии преку кои Москва обезбедува пари за војната, но додаде дека украинските сили во никој случај нема да целат врз цивилни објекти.

    Во руските напади во саботата во Украина загинаа најмалку шест лица, а беше оштетен и Северниот мост во Киев, поради што сообраќајот беше попречен трет ден по ред, што се оценува како последен обид на Москва да го отежне секојдневието во главниот град. Претходно цел на руските удари беа станбени згради, магацини на супермаркети, бензински пумпи, центри за податоци и низа други цивилни објекти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира