Украина првпат потврди дека главниот дел од нејзината противофанзива допрва ќе почне, при што некои трупи сè уште не се распоредени, а досегашните операции имаа за цел да се утврди фронтот.
Киев кажа дека осум села се ослободени во раната фаза од амбициозниот напад на руските сили, при што претседателот Зеленски призна дека целите на офанзивата се остваруваат побавно од очекувањата. Сепак, високи украински функционери и офицери јасно кажаа дека главниот дел од противофанзивата сè уште не е почнат.
„Офанзивните операции на украинските вооружени сили продолжуваат во неколку области. Се одвиваат операции за формирање на бојното поле. Противофанзивата не е нова сезона од серија на ‘Нетфликс‘ што се гледа со пуканки“, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.
И заповедникот на копнената војска Олександр Сирски изјави дека главните сили на офанзивните резерви допрва ќе се ангажираат во борбата со Русија.
„Светот мора да биде трпелив. Сите сакаат голема победа веднаш. Но, тоа е процес кој бара време, зашто на двете страни се натрупани многу сили и оружје и има многу инженерски пречки. Нашата главна сила сè уште не е вклучена во борбата, сè уште тестираме и бараме слаби места во непријателската одбрана“, изјави Сирски.
Во исто време, и Русија лансираше офанзива на повеќе локации, како кон Купјанск во регионот Харкив и Лиман на истокот.
Украинската војска состави и обучи 12 нови бригади за противофанзивата, од кои девет се опремени од западните сојузници. Се верува дека во борбите досега се вклучени само три бригади.