УКРАИНА ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е СПРЕМНА ЗА КОМПРОМИСИ СО РУСИЈА ОТКАКО ТРАМП КАЖА ДЕКА БРЗО БИ ЈА РЕШИЛ ВОЈНАТА

    УКРАИНА ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е СПРЕМНА ЗА КОМПРОМИСИ СО РУСИЈА ОТКАКО ТРАМП КАЖА ДЕКА БРЗО БИ ЈА РЕШИЛ ВОЈНАТАУкраина ќе биде главната тема на самитот на НАТО во Вашингтон следната недела (Фото: Гети)

    Украина не е спремна за компромиси со Русија и да се откаже од територија за да се стави крај на војната, изјави шефот на кабинетот на Володимир Зеленски, Андриј Јермак. При посетата на Вашингтон, тој кажа дека Украина би послушала совети како да се постигне мир.

    „Сепак, не сме спремни да правиме компромиси за најважните работи и вредности: независност, слобода, демократија, територијален интегритет и суверенитет“, изјави Јермак.

    Тој регираше на изјавата на Доналд Трамп, кој на дебатата со Џо Бајден истакна дека ако стане претседател, би ја решил војната во Украина уште пред да ја преземе функцијата во јануари. Трамп не прецизираше како би го направил тоа, но „Ројтерс“ објави дека двајца негови клучни советници му презентирале план за прекин на воената помош за Украина ако таа не се согласи да преговара со Русија. За време на дебатата, Трамп кажа дека не ги прифаќа условите на Путин за крај на војната, кои вклучуваат целосно повлекување на Украина од четирите незаконски анектирани региони.

    Јермак пристигна во САД во пресрет на самитот на НАТО во Вашингтон следната недела, на кој Украина ќе биде главната тема.

    „Украина ќе продолжи да лобира и кај новата американска администрација да се одржи поддршката. Кој и да победи на изборите, ние ќе ја почитуваме одлуката на американскиот народ“, изјави Јермак.

    Од почетокот на војната, САД обезбедија воена помош за Украина од над 50 милијарди долари. Наскоро ќе биде објавен нов пакет од 2,3 милијарди долари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира