УКРАИНА ВЕЛИ ДЕКА ОСЛОБОДИЛА СЕЛА ВО ДОЊЕЦК, ПРОТИВОФАНЗИВАТА СЕ ВОДИ НА ЧЕТИРИ ФРОНТА

    УКРАИНА ВЕЛИ ДЕКА ОСЛОБОДИЛА СЕЛА ВО ДОЊЕЦК, ПРОТИВОФАНЗИВАТА СЕ ВОДИ НА ЧЕТИРИ ФРОНТАКиев викендов потврди дека противофанзивата е почната (Фото: Гети)

    Украина објави дека ослободила три села во југоисточниот дел на земјата, што се нејзини први победи во долгоочекуваната противофанзива, за која претседателот Зеленски викендов потврди дека е почната. Снимки на социјалните мрежи прикажуваат украински војници како слават во соседните села Благодатне и Нескучне во регионот Доњецк, а заменичката на министерот за одбрана Хана Маљар изјави дека е ослободено и селото Макаривка.

    Украинските сили од минатата недела бележат напредок и во јужниот регион Запорожје. Москва досега не го коментираше ова, освен што кажа дека одбива украински напади.

    Украина ја обвини Русија дека разнела уште една брана во Запорожје, во областа што ја контролира од февруари 2022. Портпаролот на украинската војска Валери Шершен изјави дека Русите уништиле брана кај селото Новодаривка, што предизвикало поплави на двата брега на реката Мокри Јали.

    Русија намерно уништува брани во регионот во обид да го спречи украинското напредување кон окупираните области“, изјави Шершен.

    Иако ослободувањето на трите села во Доњецк е најголемото напредување на украинските сили во изминатите денови, тие се релативно мали места. Сепак, Благодатне, кое пред војната имало 1.000 жители, се наоѓа на патот за Мариупол и некои аналитичари сметаат дека Украина ќе се обиде да го поврати градот во следните месеци. Други сметаат дека целта на Украина е да го прекине копнениот мост што ги поврзува Крим и Доњецк.

    На источниот фронт, украинските сили велат дека напредуваат кај уништениот град Бахмут.

    Обемот на украинските операции останува непознат. Институтот за проучување војна соопшти дека Украинците напаѓаат на најмалку четири фронта, при што имаат и загуби, вклучувајќи модерни оклопни возила добиени од западот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира