Косово го направи првиот чекор кон приклучување на Советот на Европа, и покрај силното противење на Србија. Комитетот на министри на Советот на Европа ја предаде косовската апликација за членство во Парламентарното собрание за мислење, иако засега е непознато кога ќе биде донесена одлука. Од членките на ЕУ, против гласаа Шпанија, Кипар и Романија, кои ја немаат признаено независноста на Косово, Словачка и Грција, кои исто така не го признаваат Косово, беа воздржани, додека Унгарија беше против, иако го има признаено Косово. Украина беше воздржана.
Советот на Европа е меѓународна организација основана по Втората светска војна за заштита на човековите права, демократија и владеењето на правото во Европа. Советот на Европа ја донесе Европската конвенција за човекови права која што ги гарантира правата на секој граѓанин на 46-те земји членки.
Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц го поздрави потегот на Комитетот на министри, додавајќи дека нивната апликација била одобрена со двотретинско мнозинство.
„За нашата нова држава, денешната одлука е историски чекор, веројатно најважен од нашата независност“, рече таа, предупредувајќи дека пристапниот процес ќе биде долг и тежок.
Приштина ја поднесе апликацијата во мај лани, веднаш откако Русија беше избркана од организацијата.
„Овој ден ќе остане како срамен ден за Советот на Европа“, кажа српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
За САКАМДАКАЖАМ.МК од Стразбур,
Горан МИХАЈЛОВСКИ