Унгарските пратеници усвоија закон кој забранува на децата да им се промовираат хомосексуалност или промена на пол, за што поддржувачите велат дека ќе помогне во борбата против педофилија, додека противниците сметаат дека е дискриминација на ЛГБТ заедницата.
Фидес, конзервативната партија на премиерот Виктор Орбан, го предложи законот, кој е последен начин за ускратување на правата на припадниците на ЛГБТ заедницата во оваа земја. Парламентот го усвои законот со само еден глас против, но опозициските партии го бојкотираа гласањето. Мерката ја осудија и групите за човекови права, при што некои го споредија со законот против таканаречената геј пропаганда во Русија, усвоен во 2013.
„На овој срамен ден, местото на опозицијата не ѝ е во парламентот, туку на улиците“, изјави градоначалникот на Будимпешта, Гергели Карачони.
Илјадници ЛГБТ активисти и други одржаа протест во Будимпешта вчера, што беше неуспешен обид да се спречи донесувањето на законот.