Огромно мнозинство од Унгарците кои излегоа на референдумот ја поддржаа владатата и одбија какви било задолжителни квоти од Европската унија за прифаќање бегалци, но гласањето е невалидно поради малиот одзив, покажаа речиси комплетните официјални резултати.
Владата се пофали со „убедлива победа“, но аналитичарите велат дека резултатот е „засрамувачки, но не и катастрофален пораз“ за премиерот Виктор Орбан. По преброени 99,25% од гласовите, повеќе од 3,2 милиони гласачи, или 98,3% од оние што гласаа, ја поддржаа владата. Но, излезноста беше 43,9%, соопшти Националната изборна комисија, а за да успее референдумот потребно е 50% плус еден глас.
Околу 4% од гласовите беа неважечки, што е двојно повеќе од кој било од другите четири референдуми што се одржаа во Унгарија од 1997 година, со што важечките гласови паднаа под 40%.
Прашањето на референдумот беше: „Дали сакате Европската унија да може да пропишува задолжително населување на неунгарски државјани во Унгарија дури и без согласност на Парламентот?“.
Партијата на Орбан Фидеш прогласи победа веднаш по затворањето на гласачките места, соопштувајќи дека, според нивните проекции, 95% од гласачите ја поддржале позицијата на владата.