Компанијата „Фејсбук“ објави дека последниот голем прекин во работата на нејзините услуги бил предизвикан од погрешна промена на конфигурацијата. Фејсбук, Инстаграм, Месинџер и Вотсап, сите во сопственост на компанијата, не работеа вчера шест часа, а првите проблеми почнале да се појавуваат во 17 часот по македонско време. На нив не можеше да им се пристапи и од компјутер и преку смартфон апликациите.
„Даундетектор“, сајт кој следи вакви прекини, соопшти дека ова е нејголемиот колапс досега виден, при што имало 10,6 милиони пријави за проблеми низ цел свет.
Од компанијата кажаа дека погрешна промена на конфигурацијата ги погодила интерните алатки и системи, што пак ги искомплицирало напорите да се реши проблемот.
„Нема докази дека за тоа време биле загрозени личните податоци на корисниците“, велат од „Фејсбук“.
Основачот на компанијата Марк Закерберг претходно се извини за прекинот.
Прекините од ваков обем се многу ретки. Во 2019 година, корисниците не можеа да пристапат на Фејсбук и други апликации повеќе од 14 часа.
Ова следува ден по интервјуто со Френсис Хауген, поранешна вработена во „Фејсбук“, која откри дека компанијата му давала предност на растот во однос на безбедноста.