Почетокот на вакцинацијата против коронавирус во Германија денеска се соочи со одложувања во неколку градови, откако медицинскиот персонал откри потенцијални неправилности во ладењето на вакцината произведена од „Бионтек“ и „Фајзер“. Европската унија денеска започна масовна вакцинација против ковид-19, а пензионерите и медицинските лица ќе ги добијат првите дози.
„При читање на записите за температура кои беа во ладните контејнери, се појавија сомнежи за усогласеност со барањата за ладен синџир на чувањето на вакцините“, се вели во соопштението на Окружната канцеларија на Лихтенфелс, на северот од најголемата покраина Баварија во Германија.
Вакцината на „Фајзер“, која користи нова т.н. мРНК технологија, мора да се чува на ултраниски температури од околу -70 степени Целзиусови за да остане ефикасна пред да биде испратена до дистрибутивните центри.
„Фајзер“ дизајнираше специјални контејнери за испорака исполнети со сув мраз за да не се расипе вакцината додека се транзитира. Дозите може да се чуваат во замрзнувач со ултраниска температура до шест месеци или пет дена на температура од 2С до 8С – вид ладење што е најчесто достапно во болниците.
Покрај Лихтенфелс, северните баварски градови Кобург, Кронах, Кулмбах, Хоф, Бајројт и Вунсиедел исто така не вакцинираа откако се појави неизвесноста дали е задржан ладниот синџир.
„Вакцинацијата против коронавирусот не е за тоа кој најбрзо вакцинира или кој прави најмногу дози. Безбедноста и совесната работа за доброто на населението има најголем приоритет“, рече Оливер Баер, окружен администратор на областа Хоф.
Вакцинацијата во Германија официјално започна денеска со вакцинирање на жителите во домовите за стари лица. Федералната влада планира да распредели повеќе од 1,3 милиони дози на локалните здравствени власти до крајот на оваа година и околу 700.000 неделно од јануари. Вакцинациите ќе бидат бесплатни и достапни за секого од средината на 2021, кога се очекува приоритетните групи да завршат со вакцинирање.